Во кризни ситуации е многу важно да не дојде до ефектот на „замрзнат менаџмент“ во кој луѓето чекаат нешто да пројде, а напротив, треба да се биде проактивен.
Темпо : Почитуван г-дине Ристовски, на почетокот од нашето интервју искрено ви благодариме што издвоивте дел од вашето скапоцено време, да одговорите на неколку прашања кои се сигурно интересни за нашата публика…
Можете ли во кратки црти, за оние кои недоволно ве познаваат – да ни опишете кој е Драгиша Ристовски, со што се занимава вашата Групација (D.R.Gilbert Group) и кои се вашите моментни ангажмани?
Ристовски : D.R. Gilbert група првенствено се занимава со развој на човечките потенцијали во бизнисот. Во рамки на нашата мала D.R. Gilbert група, функционираат следните правни лица или наши брендови:
* D.R. Gilbert Центар
* Академија за деловни знаења и вештини D.R. Gilbert со 8 студиски програми
* Агенција за човечки ресурси HR Professional Solution
* Издавачка куќа D.R. Gilbert books
* D.R. Gilbert Consulting
* Деловна апликација Take It
* Конференциски бренд „Poslovanje sa svrhom“
* D.R. Gilbert центар, Ровињ, Хрватска.
A Драгиша Ристовски е претприемач, менаџер, деловен консултант и тренер, бас гитариста, татко и писател во обид 🙂 D.R. Gilbert е мојот псевдоним под кој имам напишано 23 книги со дополнети изданија.
Темпо : Вашето потекло, ако не се лажам е од нашите краеви?
Ристовски : Да, роден сум во Тетово, пред 50 години, а кога имав неполн месец заедно со родителите заминувам во Виена, па во Детроит, САД, а потоа во Белград каде и живеам најголем дел од својот живот.
Темпо : Неодамна во организација со GBB Груп, одржавте семинар на тема – Како да станете / останете ефикасен менаџер, во хотелот Double Tree by Hilton во Скопје. Какви се вашите впечатоци?
Ристовски : Ја имам таа привилегија речиси 15 години да работам семинари и деловни едукации ширум Македонија и впечатоците се секогаш одлични. Народот овде е емотивен и топол и кога ќе му се пријде на вистински начин, искуствата знаат да бидат исклучително позитивни. Последниот отворен семинар во Скопје беше исклучително посетен и ми беше навистина привилегија да работам со 40 професионални менаџери и пред се одлични луѓе.

Темпо : на овој менаџмент тренинг особен акцент ставивте на моментната криза во светот и на Балканот…. иако кризата на Балканот веројатно и не е моментна, туку хронична? Кои се вашите пораки за нашите менаџери? Што е најважно во овие времиња полни со предизвици?
Ристовски : Велат дека кризата е секогаш шанса за силните и пропаст за слабите, а кризата, можам слободно да кажам е второ име за регионот на Балканот 🙂 Во кризни ситуации е многу важно да не дојде до ефектот на „замрзнат менаџмент“ во кој луѓето чекаат нешто да пројде, напротив треба да се биде проактивен. Суштината на кризата е во антифрагилноста, што во слободен превод значи „Излези подобар отколку што си влегол“. Исто така, важно е во криза да ги сочуваме луѓето, да се собереме околу заедничките вредности и да го редизајнираме својот бизнис и да ја преиспитаме исправноста на својата мисија и визија. Покрај тоа, важно е да ги разбереме стравовите на нашите луѓе во тимот, да продолжиме да ги развиваме луѓето и со своето делување да го подигнеме нивото на енергија во тимот. Едно е сигурно, дека некои од клучните фактори во криза на делувањето и општеството се: губење на смисол, ниска енергија, општа осаменост и проовирање на површноста и егоизмот.

Темпо : Во разговор со менаџерите од нашата земја, како главни проблеми се потенцираат – енергетската и финансиска криза, инфлација, намалена куповна моќ на потрошувачите… Но во последно време – на листата на проблеми доминира – недостатокот на работна сила… Особено на професионални работници со компетенции. Кои се вашите ставови и совети во тој правец?
Ристовски : Проблемот на сите проблеми е прашањето со работната сила, а ние на Балканот па и во цела Европа сме на самиот почеток од овој проблем. Едно е важно да се има предвид, дека луѓето не заминуваат од компаниите, градовите, државите или регионите затоа што им е добро. Поради тоа, моето прашање за сите нас, претприемачи е ако мислиме дека сме толку добри зошто луѓето си заминуваат? Своевремено покојниот премиер др. Зоран Ѓинѓиќ кажа : „За да не си одат луѓето во белиот свет, треба светот да го донесеме овде“. Токму тој принцип е вткаен во филозофијата на работењето на D.R. Gilbert Група и воедно е одлична препорака за решавање на овој предизвик со работната сила.

Темпо : Едукација и тренинг на вработените … Трошок или неопходна инвестиција?
Ристовски : Тоа е едно вечно прашање, но пред тоа би го поставил прашањето – не дали вложуваме, туку колку вложуваме? Времето во кое живееме ни покажува дека вложувањето во развој, иновација и луѓе е единственото вистинско вложување и инвестирање, и на тоа да ја додадам и познатата изрека апропо ова прашање која вели: „Од опасноста да ги едуцираме луѓето, а тие да ни заминат, поголема опасност е да не ги едуцираме а тие да ни останат“ 🙂 Како што вели нашиот народ: „Со кој си – таков си“.