Продажбата на возила во Македонија

45
Фото - Freepik

Според последните податоци објавени на веб страната на Царинската Управа на РСМ, во првите три месеци од 2021 година во земјава се увезени и оцаринети вкупно 1.348 нови автомобили.

Во истиот период, минатата година оваа бројка изнесуваше – 1.401 возило.

Тоа значи дека пазарот на нови автомобили, во 2021 година паднал за 3,8%.

Трендот веројатно ќе се смени кога ќе бидат објавени податоците за Април, бидејќи во минатогодишниот април, во екот на пандемијата беа увезени само 205 возила.

Користени возила

Од друга страна, во првиот квартал од 2021 година, вкупно се оцаринети 8.447 автомобили (6,2 пати повеќе од нови автомобили).

Во истиот период, минатата година (2020), беа увезени 4.524 користени автомобили. Оваа необично ниска бројка на користени возила во 2020 година не се должи на пандемијата, туку на новата методологија на пресметка на давачките на Царинската Управа, кои времено ги поскапеа користените возила.

Официјалните лица од Царинската Управа објаснуваа дека повисоките давачки во почетокот на 2020 година, се воведуваат за да се стимулира увозот на нови автомобили и спречи увозот на стари возила кои имаат висока емисија на штетни гасови во воздухот.

Ако се земе предвид фактот дека во 2019 година, бројката на увезени користени возила беше 7.800 возила, можеме само да констатираме дека пазарот на користени возила се стабилизира и расте, што значи дека долгорочно, оваа мерка нема никаков ефект.

Товарни возила

Трендовите се слични и во увозот на нови и користени товарни возила.

Во 2021 година, заклучно со март, увезени се 155 нови (172 во 2020 година) и 705 (444 во 2020 година) користени товарни возила.