Колку е битно во корпоративната култура и во генетскиот код на вашите вработени да ја вградите потребата за обезбедување на врвна услуга за клиентите, зборува примерот со ланецот на сервисни работилници во Соединетите Американски Држави – Les Schwab Tires.
Во овие сервисни центри распространети на целата територија на Америка (постојат над 430 работилници), клиентите може првенствено да ги заменат своите гуми и да добијат брзи проверки, замени и поправки на кочниците, акумулаторот, амортизерите.
Наместо корпоративната култура, сервисните работилници на Les Schwab Tires со задоволство, и максимална посветеност ја негуваат својата традиционална култура на локални, маалски работилници секогаш подготвени да им помогнат на своите пријатели, соседи и клиенти. Клиентите на Les Schwab Tires со задоволство ја прераскажуваат приказната за вработените во овие навидум обични вулканизерски работилници.
Во една лоша, дожделива ноќ, на една жена и се дупнала гумата од автомобилот. Немала резервна гума и стоела покрај патот, збунета, исплашена и немоќна. Еден млад, пријатен човек застанал на патот. По краткиот разговор со жената, од својот багажник го извадил своето резервно тркало и го заменил тркалото на госпоѓата.
Се претставил како човек вработен во Les Schwab Tires. И кажал на госпоѓата да оди дома, да се одмори и во текот на наредниот ден да дојде во работилницата каде ќе ја проверат нејзината гума, ќе ја залепат или променат, ќе ги сменат тркалата и за сето тоа ќе и одобрат специјален попуст од 20%.
Што мислите, дали госпоѓата дошла во сервисниот центар на Les Schwab Tires? Дали ги купила своите нови гуми од пријатниот млад сервисер? Дали некогаш таа и членовите на нејзиното најблиско семејство ќе го заборават овој гест на добра волја?
Ланецот на вулканизерски работилници Les Schwab добро знае дека не треба да се оддалечува од своите клиенти. Дека треба да ја освои и задржи довербата на своите клиенти. Од тие причини во овие работилници, на клиентите им се нуди дополнителна вредност за вложените средства. Се одобруваат специјални попусти за редовните клиенти, гумите се менуваат на терен, клиентите добиваат помош на пат, се организираат специјални забави и викенд собирања на кои клиентите може да ги заменат своите гуми, а притоа да добијат и одличен бифтек со сок или пиво…
Едноставно, како што гласи и мотото на компанијата, во Les Schwab Tires, работите се прават на вистинскиот начин од далечната 1952 година.