Пченкарна змија

35
Фото - Canstock

Ако не и припаѓате на онаа група на луѓе кои за домашен миленик сакаат куче, маче, папагал или риба… пченкарната змија е еден од најдобрите и најубавите егзотични миленици кои можете да ги чувате дома.

Пченкарната змија е релативно лесна за чување и не расте многу голема (70 до 120 сантиметри). А поради прекрасните бои на кожата таа е еден од најпосакуваните миленици како за аматерите, така и за рофесионалните одгледувачи на змии.

Живеалиште

Живеалиштето може да биде аквариум или терариум, кој собира околу 75 литри вода. Се препорачува живеалиштето да ви е добро затворено, со капак кој има механизам за затварање одозгора, бидејќи и овие, како и сите други змии се вистински мајстори за бегање. Тие ќе го притискаат капакот со својата глава – се додека не најдат слаба точка и отвор од кој може да излезат надвор од својот дом и да тргнат во истражување на околината. А змија која слободно талка во станот е потенцијална опасност, бидејќи може да се повреди, да ја повредите или да ги извади од памет вашите гости.

Како и сите змии, и таа сака да има посебно место во кое ќе може да се скрие, свитка и ќе се чувствува безбедна. Тоа може да е и мала кутија со димензии доволни да го апсорбираат нејзиниот волумен.

Топлина

Живеалиштето мора да биде загреано на температура од 25 до 30 степени целзиусови. Ова е клучно за здравјето на змијата. А најдбриот начин да ја постигнете посакуваната температура е да искористите грејна лампа која ќе ја поставите на капакот од терариумот одвнатре. Во поглед на влажноста на воздухот, пченкарните змии се сосема ок со влажноста која обично ја има секој стан. Можете само да внимавате во зимските месеци, кога и воздухот е посув, ако има потреба да вклучите посебен испарувач на вода за да го подигнете нивото на влажноста за некој степен.

Карактер

Пченкараната змија е генерално мирна змија, која ќе ви дозволи да ја кревате и држите во раце… но во одредени ситуации, кога се чувствува загрозена знае да го крене опашот и да испушта звуци како змија ѕвечарка, што претставува одреден одбрамбен механизам.

Исхрана

Пченкарните змии се карниворни, што значи дека јадат месо. Обично за нив се подготвуваат замрзнати глувчиња. Големината на глувчињата почнува од бејби глувчиња (додека змијата е мала) и постепено се зголемува и големината на храната. Големите единки се хранат еднаш до два пати во неделата.

Постарите единки, со годините знаат и да го намалат својот апетит.

Пијат вода, на начин што ја впиваат истата преку устата, па затоа во живеалиштето морате да имате и сад за вода. Покрај пиење, водата змиите некогаш ја користат и како помош при исфрлање на изметот, а во тој случај, секако треба да ја замените водата со нова.

Ако купувате нова змија, убаво проверете ја единката. Изберете ја онаа што има чисти очи, без гребнатинки. Треба да има чист клоакален отвор, розево јазиче со малку плуканка во устата, и реактибилнна глава. Изберете ја онаа која нема остатоци од старата кожа на себе.

Животен век

Ако ги почитувате основните правила на чување на пченкарната змија, би требало да имате добар придружник во период од 15 до 20 години.