Ова е концептниот Mercedes-Benz EQG

24

Својата премиера на Саемот за автомобили во Минхен ја доживеа и концептниот Mercedes-Benz EQG, електрична верзија на култниот коцкаст G-Wagen.

Новиот концепт, инаку еден од четирите електрични автомобили на Германскиот производител на премиум автомобили претставени на IAA Mobility Саемот во Минхен, ја презентира визијата за целосно електрифициран SUV.

На прес конференцијата, претставниците на Mercedes-Benz објавија дека новиот Mercedes-Benz Concept EQG, e студија на целосно електрифициран модел, речиси подготвен за сериско производство, па нема да не зачуди ако овој SUV на батерии набргу се појави во салоните во Европа.

Според објавените фотографии електричниот Mercedes-Benz EQG изгледа речиси исто како оној движен од моторите со внатрешно согорување. Го задржува својот облик во форма на коцка и кружните предни светла.

Од највпечатливите разлики, електричниот концепт, ја има предната маска специфична за моделите на струја, голем број на LED сијалички и поголемите 22 инчни тркала.

Многу детали околу техничките спецификации не се понудени од Mercedes-Benz, но она што е потенцирано е дека кај секое тркало ќе биде поставен по еден електричен мотор, што треба да го овозможи погонот на сите тркала.