Организација

33
Фото - Freepik

Организациската шема (структура) на една компанија има задача на едноставен и јасен начин, да прикаже каде (на кое ниво) и кој има задача да носи одлуки, кои на крајот водат кон крајната цел – да го максимизира профитот на компанијата, преку максимизирање на задоволството на клиентите.

Традиционална структура

Кај традиционалната структура во компаниите, поставеноста е хиерархиска (во неа како во воените формации јасно се дефинира кој кому одговара и рапортира). Таа презентира вертикална линија на командата.

Во традиционално поставените структури, главно се издвојуваат две основни функции – главна функција (која испорачува резултати) и помошна или функција на поддршка.

Во првата спаѓаат функциите – Истражување и развој, продажба и маркетинг, операција и набавки), а во втората функција спаѓаат – финансии, информативна технологија и човечки ресурси.

На дното на пирамидата се оперативните работници кои му одговараат на менаџерот на одделението, овој на директорите, директорите на извршниот директор.

Големите конгломерати и групации, најчесто имаат своја компанија мајка, чијшто извршен директор, исто така има влијание врз компаниите ќерки, па и тоа се наведува во органограмот (организациската структура).

Матрикс структура

Новите времиња и иновации во бизнисот, ги менуваат односите и организациските структури во рамки на организациите.

Матрикс структурата се применува кај модерните компании, во кои тимовите се поставени како основни организациски клетки.  Кај матрикс структурата, линиите на рапортирање (одговорност) се поставени како мрежа.

Луѓето, составен дел на тимовите, им рапортираат на своите тим (проект) лидери, но истовремено ја задржуваат врската (линијата на рапортирање) и со функционалните лидери (на пример менаџерот на секторот за инжинеринг).

На тој начин, матрикс структурата практично прикажува дека членовите на тимот паралелно им одговараат на две лица.