Американскaта консултантка Мери Паркер Фолет, уште во почетокот на 20тиот век, ја дала наједноставната и сеуште најточна дефиниција за менаџментот, која гласи :
“Менаџментот е уметност да ги завршите работите со помош на луѓето.”
Менаџери без подредени
Според дефиницијата на Фолет, за да бидете менаџер, треба да имате вработени (подредени) кои се под ваше водство и контрола.
Исклучок од ова правило може да се сретне во малите организации, каде повеќе функции се концентрирани во една личност.
Така на пример, во мала компанија, финансискиот менаџер, кој ги има главните обврски да ги прибира, организира и исплаќа парите – може сам да ја извршува својата работа (да нема подредени). И покрај тоа, неговата функција е менаџерска, па, со зголемување на работата и обврските, финансискиот менаџер ќе побара и веројатно добие асистенти и подредени вработени лица, на кои ќе им делегира дел од своите обврски.
Оптимален број на менаџери
Бројот на менаџери во една компанија зависи од нејзината дејност, големина, сложеност и организациска поставеност.
Бидејќи сеуште не постои универзална математичка формула, која ќе ви помогне да одредите кој е оптималниот број на менаџери во вашата компанија, одговор можете да побарате во статистиката.
А според повеќето статистички истражувања, големите компании имаат по еден менаџер на десет вработени лица.
Овој податок, како и многу други податоци во книгата, искористете го како репер (бенчмарк) и секогаш имајте предвид дека работите се менуваат, процесите и системите еволуираат и она што било актуелно вчера, денес веќе не е.