Секоја компанија и секој лидер, би требало да имаат право да ја моделираат својата организација на начин на кој сметаат дека е најдобро, најефикасно, најефективно.
Во традиционалните, пред се Американски компании, при поставување на хиерархиската шема (организација), најчесто се црпи инспирација од воените формации. Во хиерархиските шеми се скицираат нивоа на моќ (aвторитет) поврзани по вертикала, според кои недвосмислено е дефинирано кој кому одговара и рапортира (известува) и кои се работните задачи, права и обврски на сите вработени лица. Исто како и во војската. Генерал, полковник, потполковник, капетан, тим лидер, војник…
Некои нови лидери, воведуваат нови организациски шеми, во кои поставеноста не е вертикална, туку хоризонтална. И во која наместо офицерите, нагласена е важноста на тимовите.
Ако ја имате слободата да предлагате и давате предлози, ако од вас се очекува да ја моделирате организациската структура во вашата компанија – бидете креативни, воведувајте новини, експериментирајте умно… Консултирајте ја теоријата, проверете ја праксата, осознајте ги процесите во вашата компанија, разговарајте со вашите соработници, колеги од вашата или од друга компанија.
Во вашите предлози внесете енергија, пасија, љубов и пресете го ентузијазмот на Вашите вработени. Објаснете им како, новата или видоизменета организациска структура, ќе им помогне во работата и остварувањето на резултатите.
Ако се вратиме повторно на теоријата и праксата, во модерните компании, најчесто се идентификуваат четири нивоа на менаџмент.
- Топ менаџери. Уште се нарекуваат и C-level менаџери. Во оваа група припаѓаат : извршен директор – CEO (Chief executive officer), оперативен директор – COO (Chief operating officer), директор на финансии – CFO (Chief Financial officer), директорот на IT секторот – CIO (Chief information officer). Топ менаџерите во една организација имаат задача да го дефинираат општиот правец во кој ќе се движи компанијата. Нивна е задачата да ги удрат темелите на компанијата, преку дефинирање на Мисија и Визија. Со своите активности тие имаат задача да ги изградат и потврдат компаниските вредности. Да дадат пример. Да инспирираат. Да ги мотивираат и максимално вклучат вработените во секојдневните операции. Ова се луѓето кои се најодговорни за стратешките потези, за иновациите со кои компанијата ќе изгради конкурентска предност и ќе им се обрати на клиентите на пазарот.
- Менаџери од средно ниво. Во оваа група се вклучени : регионалните менаџери, менаџерите на фабрики, менаџерите на сектори. Овие менаџери имаат задача да ги дефинираат своите цели, целите на одделенијата и да ги дефинираат стратешките потези, со кои ќе се реализираат целите кои на глобално ниво ги дефинирале топ менаџерите. Исто така, овие менаџери имаат задача да ги планираат и распоредуваат ресурсите. Да ги поврзуваат различните тимови, одделенија, сектори во вршењето на работата и да ги следат нивните и перформансите на менаџерите од пониско ниво.
- Менаџери на првата линија. Во оваа група се идентификуваат менаџерите на одделенија, супервизори на смена… Нивната задача е да го следат и директно управуваат работењето на луѓето од оперативно ниво, оние кои ги произведуваат производите и услугите во една компанија. Тие ги едуцираат и тренираат вработените како да ја извршуваат својата работа, ги мотивираат, надгледуваат, стимулираат за остварување на најдобри можни резултати, со кои ќе може да се остварат целите на менаџерите од средното ниво, како и на топ менаџерите
- Лидери на тимови. Четвртата група на менаџери, произлегува од новите, модерни организациски системи во компаниите кај кои постои поголемо ниво на децентрализација и префрлање на одговорноста кон помали организациски единици (тимови). Според одредени истражувања, најфункционални се оние тимови кои бројат од 6 до 12 члена. Во овие организациски модули, Тим лидерот им помага на членовите да ги остварат своите цели, ги едуцира и насочува но тој не одговара за учинокот на тимот. Перформансите се дело и одговорност на тимот. Лидерите на тимови најчесто се задолжени и за координација и комуникација со другите тимови во компанијата.