Теоријата и бизнис авторите многу често сакаат да не уверуваат дека светот е црно бел.
Во поглед на лидерството, овие луѓе сметаат дека во секоја организација постојат луѓе кои се однапред предодредени да бидат лидери или следбеници. Лидерите се специјално дефинирани луѓе, со посебни генетски предиспозиции – изглед, темперамент, карактер, талент за комуникација. Во контекст на оваа дефиниција директрите и сопствениците треба само да умеат да ги препознаваат овие индивидуалци и да ги постават на местото кое природно им припаѓа.
Што мислите Вие?
Дали е точна дефиницијата дека добри и ефективни лидери може да бидат само оние луѓе кои се :
- Згодни,
- Привлечни,
- Совршено комуникативни,
- Харизматични,
- Гласни,
- Енергични,
- Храбри,
- Цврсти,
- Професионални,
- Одлучни…
Оваа листа можеме да ја продолжиме до недоглед, со секоја позитивна карактеристика што постои и може да постои кај луѓето.
Но, да се свртиме за момент во историјата. Што е со Мајка Тереза, Ганди, Далај Лама… Дали овие луѓе се вклопуваат во стереотипите наведени погоре? Дали нивната специфичност ги прави помалку важни? Помали лидери од останатите?
Џим Колинс, во неговата последна книга, креирана врз база на детални истражувања на најуспешните компании во САД дошол до сосема поинакви резултати.
Во неговата студија, Колинс дошол до заклучок дека најуспешните бизнис лидери на 21 век во Америка не се харизматичните, шоу ѕвезди кои обожаваат да се гледаат во магазините, весниците, билбордите. Кои го обожуваат светлото на рефлкторите, вниманието на јавноста. Не се луѓето кои изгледаат како да излегле од модно списание. Не располагаат со изразена харизма и не се премногу комуникативни.
Напротив, за најуспешните лидери на 21 век, многумина може да кажат дека се ексцентрични, повлечени и тивки.
Мојот став по ова прашање е едноставен. Во светот, животот и бизнисот не постојат универзални правила. Не постојат единствени формули кои фукнционираат во секоја дадена ситуација.
Дополнително, сметам дека секоја од горенаведените особини може да се научи. Луѓето може да работат на сопствениот развој. Да читаат книги, да се школуваат, да посетуваат семинари, да ги почитуваат советите на своите животни и професионални ментори.
И самиот сум бил сведок на ситуациите во кои срамежливи и повлечени работници правеле шампионска презентација пред маса на луѓе.
Самиот сум присуствувал на ситуација во која тивкиот и повлечен продавач, зборува како швајцарски часовник за работи кои ги знае, за кои е стручен и професионален.
Се разбира оваа трансформација не се случува преку ноќ. За неа е потребно многу труд, работа и посветеност.
Од друга страна, постојат и многу примери во кои харизматичните и природно талентирани луѓе прават неверојатно лоши резултати на својата менаџерска и лидерска позиција.
Многу луѓе кои во детството ги имале сите генетски предиспозиции да станат лидери, биле згодни, харизматични, успешни, со текот на времето ги губат своите компаративни предности.
Според тоа, би сакал да завршам со следниот пасус.
Лидерството не е ген. Лидрството е вештина. Умешност. Знаење. Комбинација на фактори кои ви даваат можност да влијаете на луѓето и заедно да постигнувате врвни резултати. Лидерството се учи, се негува и развива. Речиси исто, како што се учат, негуваат и развиваат и сите други вештини на луѓето. Затоа, ослободете се од предрасудите и инвестирајте многу време, енергија и пари во вашиот сопствен развој како лидер.