Нема никакви дилеми дека електричните возила го освојуваат светот.
Впрочем, за тоа одлично сведочат продажните резултати во Европа во Септември, месец во кој најпродавано возило на Европскиот континент беше Tesla Model 3? Да… Tesla Model 3 од престолот го симна “вечниот победник” VW Golf!
И кога е тоа така, логичен е напорот, енергијата, времето и парите кои многу институции (почнувајќи од производителите на возила, преку производителите на компоненти, па и технолошки компании) ги вложуваат обидувајќи се да обезбедат одржливо решение за проблемот со автономијата на електричните автомобили (бројот на километри кои можете да ги поминете со едно полнење).

За таа цел се креираат и воведуваат нови батерии, електрични технологии кои нудат подолг ранг, се зголемува инфраструктурата на полначи и суперполначи…
А едно практично решение доаѓа и од Британската компанија Zipcharge која го промовираше новиот мобилен Go charger.
Со овој полнач, во форма на куфер кој тежи околу 23 килограми, можете да ја дополните вашата батерија со струја за околу дополнителни 60 километри.
Функционирањето е многу едноставно. Кога ќе забележите дека батеријата ви е празна, застанете, извадете го куферчето за полнење и приклучете го во полначот Тип 2.
За околу половина час, со ова мобилно полнење ќе ја дополните батеријата за 5 до 10%.