Менаџерски стилови

69
Фото - Freepik

Секој менаџер воведува и развива посебен стил на управување (менаџирање) на организацијата. Во истражувањето спроведено од познатата Американска консултантска фирма Хеј Мек Бер, спроведено во 2000 година, биле препознаени шест клучни стилови на менаџирање :

  • Афилијативен. Најчесто се препорачува и дава најдобри ефекти во средини во кои постојат определени конфликти и постои високо изразено ниво на стрес. Со него менаџерот ја подигнува мотивацијата на тимот и на индивидуалците. Се препорачува – одржување на почести формални и неформални состаноци на кои ќе се разменуваат ставовите, идеите и предлозите.
  • Команден. Се препорачува во кризни ситуации или ситуации во кои е неопходна брза промена. Менаџерот дава јасни насоки, наредби и бара целосно почитување на командите. Оние кои не ги остваруваат зацртаните цели се казнуваат.
  • Визионерски. Овој стил е ефикасен кога се дава нова и јасна визија, или се воведуваат нови стандарди на работењето. Кај него менаџерот ја дава визијата и основната насока и притоа на вработените им се остава голема слобода да работат, даваат иницијативи, креативни прпедлози, да прават експерименти.
  • Коучинг. Стил кој идеално одговара на средини во кои вработените сакаат да учат и да се унапредуваат. Менаџерот се фокусира на развој на вештините и знаењата на поединците, на зголемување на нивната самодоверба, како и да им даде можност да ги применуваат своите знаења и вештини, како и да прости евентуални грешки.
  • Демократски. Овој стил на менаџирање е препорачлив за средини во кои работат искусни професионалци кои си ја знаат својата работа. Кај овој стил – менаџерот главно ги поттикнува вработените да даваат предлози за подобрување на процесите и перформансите.
  • Стил на поставување на ритамот. Ова е стил во кој менаџерот уште во стартот поставува високи стандарди и бара и очекува силна мотивираност, ангажман и перформанси од вработените. Овој стил е соодветен во средини во кои вработените се високо компетентни и мотивирани.

Ако се земе предвид дека менаџментот не е егзактна наука во која постојат недвосмислени математички принципи, и кај стиловите на менаџментот – не може точно да се утврди кој од посочените стилови е најдобриот и најефикасниот.

Исто така, не може да се тврди дека еден стил е подобар од другиот.

Уметноста на менаџерите е идеално да ги препознаат :

  • Ситуацијата во која се наоѓа организацијата или тимот кој се менаџира и
  • Профилот на луѓето кои се менаџираат

Откога ќе се утврдат овие два основни фактори, менаџерот треба да го адаптира својот систем на работа и стил на управување, на начин кој ќе донесе најдобри очекувани и посакувани резултати. И потоа, со тек на времето и созревањето на организацијата и луѓето, имплементираниот стил – треба да се трансформира и еволуира.

Праксата покажува дека од успешноста на менаџерите да ја препознаат адекватната тактика и стил на менаџирање, директно зависи и на успешноста во нивната работа и кариера.