Во секоја организација, секторот за маркетинг е еден од клучните сектори кои директно влијаат на продажбата на производите и услугите.
Големите компании обично имаат специјализирани менаџери одговорни за маркетинг, додека во помалите фирми, задачите на маркетинг менаџерот ги превземаат менаџерите за продажба или бренд и продукт менаџерите.
Во оние компании во кои маркетингот има сериозно значење, маркетинг менаџерот води сериозни операции во кои се дава одговор на четирите “P“
- Product (Производ). Што ќе се произведува во Вашата компанија? Кои ќе бидат производите или услугите кои ќе ги пласирате на клиентите? Како ќе ја изградите Вашата конкурентност?
- Price (Цена). Каде ќе ја позицирате цената на Вашите производи. Дали ќе пливате во морето на генерички продукти,з а кои обично има голема побарувачка, но секако и голема конкуренција… или ќе изберете посебни ниши на производи и услуги во кои нема голема конкуренција, полесно се доаѓа до клиентите, а обично се остваруваат и поголеми профитни стапки.
- Promotion (Промоција). Како ќе го промовирате Вашиот производ или услуга? Кои канали на комуникација ќе ги употребите? Колку пари ќе инвестирате од вашиот буџет за промоција и реклама?
- Placement (Пласман). Како ќе ги дистрибуирате Вашите производи? Ќе отворате Ваши сопствени продавници / или ќе организирате систем на дистрибуција преку големи дистрибутери? Можеби продажбата ќе им ја остапите на големите интернет ланци како Аmazon? Или пак самите ќе направите онлајн продавница преку која клиентите ќе може едноставно да се логираат, да ги порачаат и да ги платат своите производи?
Во компании во кои секторот за маркетинг треба да даде одговор на сите овие прашања, и од кого зависат процесот и секторите на производство, продажба, финансии… маркетинг менаџерите се едни од клучните компаниски личности.
Најчесто, маркетинг менаџерите имаат задача да спроведуваат истражување на пазарот, да организираат и спроведуваат кампањи, да организираат медиа планови – и да ги координираат со овие проекции членовите на тимовите.
Своите задачи може да ги прават со сопствени ресурси (вработени), а може да ја извршуваат својата функција и во тесна координација и соработка со маркетинг агенциите, кои во процесот нудат креативни решенија (рекламни огласи), кампањи, вршат закуп на медиуми (согласно буџетот, очекувањата и препораките на клиентот).
Модерното време, донесе тотална промена на приоритетите и медиумите со кои се комуницира со потенцијалните и реални клиенти на Вашите производи и услуги.
Во зависност од дејноста на компанијата и таргет групата (кому се обраќате со Вашиот маркетинг, кои се Вашите клиенти), големите компании сеште ги спроведуваат своите кампањи на традиционалните медиуми кои обично бараат и конзумираат поголеми буџети, како што се – телевизијата, радиото, билбордите.
На помалите компании, како и на оние кои внимаваат на дигиталната револуција, достапни и исклучително значајни им се и – социјалните мрежи, интернет пребарувачите како Google, интернет порталите (како замена на печатените медиуми кои полека го губат своето значење) … на кои пораката можете да ја пратите полесно, побрзо и за многу помал буџет.
Во маркетинг комуникацијата со клиентите, се почесто и посериозно се спроведуваат и кампањи на директна пошта (direct mailing) со која на маил адресите на клиентите редовно им се испраќаат информации, пораки, кампањи.