Koлкав е животниот век на батеријата кај електричните возила

101
Фото - Freepik

Додека во Европа, во месец септември, Tesla Model 3 беше најпродаваниот автомобил на пазарот (не само на електрични, туку на сите возила – бензин, дизел, хибрид и електрични ), кај нас бројката на увезени електрични возила сеуште може да се наброи на прстите од раката.

Постојат повеќе причини за тоа.

Прва… и најважна – е цената на електричните автомобили. Цената на електричните автомобили е окол двојно повисока од цената на истите модели на традиционален бензински или дизел мотор. За тоа, голема улога има и државата, која не одобрува субвенции за електрични возила.

Втора. Подеднакво важна причина е и инфраструктурата. На прсти може да се набројат местата на кои можете да го наполните вашето електрично возило. А ако се земе предвид дека автономијата на овие автомобили е помала од автономијата на бензинските или дизел мотори (зборуваме за бројот на километри поминати со едно полнење на батеријата) – кога немате развиена инфраструктура на полначи на струја, голема е можноста дека ќе останете заглавени, без струја, на автопат… А ова е фактичка состојба и кај другите земји во соседството, па затоа, ризикот да тргнете на подолг пат со електричен автомобил е прилично голем.

И веројатно третата по значење причина е и фактот, што сите батерии, па и оние кои се употребуваат во електричните возила, со текот на времето и експлоатацијата, ја губат својата употребна вредност… А кога ќе се испразни батеријата (слично како и кај мобилните телефони) потребно е истата да се смени.

Како што стојат сега работите цената на нови батерии е многу висока. Според одредени калкулации, кога ќе треба да купите нови батерии, нивната цена можеби ќе биде повисока од цената на вашиот автомобил (цена по која можете да го продадете на слободниот пазар).

Она што во овие калкулации е позитивно се примерите од праксата. Според една анализа, презентирана во Autocar, ако правилно го користите автомобилот и ги чувате батериите, истите и со 320.000 километри може да оперираат со батерии на 70% од својот капацитет.

Впрочем таков е примерот и со такси возилата Tesla Model S, кои оперираат од аердромот Гетвик во Лондон. Повеќето од нив имаат пројдено 480.000 километри, а батериите се сеуште на 82% од својот животен век.

А тоа… ќе се сложите… претставува сериозна километража. Особено ако возилото се користи од физички лица.