Менаџери или Лидери?

32
Фото - Freepik

Менаџери / Лидери

Теоријата на менаџментот, во минатото правеше дистинкција помеѓу термините менаџер и лидер.

Притоа, најчесто – лидерот ја имаше задачата да ги постави организациските цели, а менаџерот да ги спроведе на дело. Но денес, поради еволуцијата на технологијата, процесите и интеракцијата помеѓу луѓето, овие две функции полека се спојуваат.  Менаџерот нема алтернатива. За да ги максимизира посветеноста и резултатите кај вработените тој мора да располага со квалитетни лидерски вештини.

“Лидерството е уметност, да натерате друг да ви ја заврши работата, но затоа што тој тоа го сака.” Двајт Д. Ајзенхауер, престедател на САД

Вообичаено – лидерите ја скицираат визијата, патеката по која одредена организација ќе се движи во иднина. Тие обично ефективно одговараат на можностите, кризните ситуации и промената. Наспроти тоа, менаџерите се вклучени во секодјневните административни активности за да се остварат одредени цели, како што се на пример поставувањето и следењето на буџетите, плановите и и слично.

Конкретно, Лидерите :

  • Ги дефинираат главните насоки на организацијата
  • Влијаат на луѓето во остварување на целите
  • Се залагаат за ефективност
  • Ја охрабруваат промената
  • Олеснуваат носење одлуки
  • Ги подредуваат луѓето
  • Создаваат системи и бараат простор за подобрување

Менаџерите, пак, :

  • Планираат до детали
  • Ги охрабруваат луѓето да остваруваат
  • Целат кон ефикасност
  • Реагираат на промената
  • Носат одлуки
  • Ги организираат луѓето
  • Се грижат ресурсите да се алоцирани и доволни.

Бројните истражувања покажуваат дека е неопходен баланс помеѓу лидерството и менаџментот. Како ќе биде поставена рамнотежата помеѓу двете улоги, зависи од големината и комплексноста на организацијата, како и од индустријата во која истата работи.

Според врвниот консултант за менаџмент Џон Котер, менаџментот е процес кој овозможува организациите да функционираат, додека лидерството е задача која бара вработените да се инспирираат и мотивираат. Менаџерите помагаат организацијата да се справи со комплексности, додека лидерите и овозможуваат да одговори на промените. Па, како што организацијата со текот на времето еволуира, така ќе еволуира и функцијата лидер / менаџер. Котер оваа аналогија ја доловува и во армијата. Така, додека државата е во мирнодопска состојба, на армијата за да функционира и се доволни менаџери на сите позиции и добар лидер на врвот од хиерархијата. Но ако државата влезе во војна, на армијата и се неоопходни добри лидери на секоја позиција.