Бројните анкети и статистички истражувања покажуваат дека менаџментот е едно од најпосакуваните занимања во светот.
Зошто е тоа така?
Според статистичките показатели во најразвиените земји на светот, со менаџерската функција се занимаваат повеќе од 5% од вкупното работоспособно население. И тоа е најчесто, една од најголемите работни групи.
Просечната годишна плата која овие лица ја земаат е најчесто двојно поголема од просечната годишна плата на сите вработени лица во државата.
За разлика од некои други професии, кои бараат долгогодишно школување, комплицирани и скапи универзитетски дипломи и години на унапредување и специјализации (како што се медицината, правото и машинството)… Менаџерите може да потекнуваат од различен образовен профил.
Најчесто, се работи за луѓе со завршено високо образование, со завршен факултет кој одговара на нивната позиција, сектор и менаџерско ниво во компанијата.
Економскиот факултет е логичен избор ако сакате Вашето занимање да биде менаџерско, но праксата покажува дека, менаџерската улога може да ја извршуваат и инжинери, архитекти, правници, медицински лица… и тоа со одлични резултати и постигнувања.
Новите времиња, носат и нови правила. Па денес, некои од џиновските корорации како Google, Hilton , Apple, Starbacks, IBM, Costco, Home Depot… не бараат универзитетска диплома како задолжителен услов за вработување.
Функцијата менаџер може да ја добијат (и заработат) и луѓе кои својата кариера во компанијата ја започнале на најниското скалило – во секторот на директна продажба, производство, набавка и логистика, маркетинг… и кои преку своето залагање и резултати добиле кариерно унапредување во менаџерска функција.
Менаџер можете да станете и ако самите, како претприемач отворите сопствена компанија со која ќе ги реализирате вашите соништа.
И секако, не треба да заборавиме дека менаџерската позиција со себе носи моќ, престиж и дополнителни бенефиции, кои им се тешко достапни на рабoтниците од пониските корпоративни нивоа.
Од овие причини, кариерите во менаџментот се исклучително атрактивни и посакувани од страна на кандидатите кои бараат работа.