Канадски стартап, со дронови може да засади милијарда дрва за 8 години

111

Канадската стартап компанија Флеш Форест од Торонто, воведува нова технологија во која со дронови ќе може да се врши пошумување кое е 10 пати побрзо од традиционалното пошумување со работници и лопати.

Со математиката која Канаѓаните ја направиле, со нивниот систем до 2028 година ќе може да се засадат 1 милијарда дрва. Вистински спас за природата која се соочува со сериозно уништување на пошумените зони.

Според иницијалните информации, дроновите ќе бидат опремени со специјални пневматски пиштоли, програмирани да исфрлаат специјално подготвен засад, кој ќе се вкопа на идеални позиции и длабочина во почвата, со што брзо и ефикасно ќе се фати семето и ќе порасне новото стебло.

Засадот содржи рачно изработена комбинација на семиња, ѓубриво и други состојки кои дрвата ги сакаат, а засега се чуваат во тајност.

Целиот процес започнува со дроновите, кои најпрвин ќе прават мапирање на просторот и софтверски ќе ги најдат идеалните позиции на кои може да се изврши пошумување. Потоа, на точно дефинираните позиции, програмирано, дроновите ќе ги исфрлаат засадите (идеални за места во кои луѓето немаат пристап).

Во следната фаза, дроновите ќе вршат и прскање на засадите со вода и хранливи материи, а друга група на дронови ќе прават надгледување и снимање на напредокот на засадените дрвца.

Интересно е дека, иако се работи за напредна технологија, луѓето во Флеш Форест изјавуваат дека трошокот за пошумувањето ќе биде за 50% пониско од традиционалното пошумување, а истовремено ќе биде побрзо, поефикасно и на места на кои луѓето немаат пристап.