Како влијаат лидерите

80
Фото - Freepik

Секој менаџер, според природата на својата работа (ги организира и води луѓето, ресурсите и процесите кон зацртаната цел), е истовремено и лидер.

Некои менаџери ја добиле оваа функција од своите шефови, менаџери, директори, како резултат на добрите постигнувања и резултати, покажаните врвни човечки и професионални особини. Некои менаџери функцијата лидер ја добиле од своите родители, роднини, пријатели. Ја добиле по скратена постапка. По скратен пат. Овие лидери имаат задача да ја оправдаат укажаната можност и доверба. A тоа воопшто не е лесна работа.

Иако многу автори се трудат да укажат на сериозната разлика помеѓу функцијата менаџер и функцијата лидер, за мене вистинското прашање не е дали менаџерот е лидер, туку дали менаџерот е ДОБАР лидер.

Како што вели познатиот автор Џон Ц. Максвел, – “Вистинската мерка за Лидерството е ВЛИЈАНИЕТО. Ништо повеќе, ништо помалку.”

И во тој контекст, дефиницијата е совршено точна. Лидерите го градат своето влијание. Влијание врз луѓето.

Како можете да влијаете на луѓето?

  • Можете да влијаете со страв. Запрепастува фактот колку многу менаџери ја користат оваа метода како примарна. Ги заплашуваат луѓето. Ги плашат со казни, намалување на платата, со отказни решенија… Акцентот секогаш го ставаат на реченицата – секој е заменлив. Со оваа метода, се разбира можете да имате резултати. Но тие резултати никогаш нема да бидат резултати на врвен лидер. Луѓето ќе ги извршуваат работните задачи. Додека сте во нивна близина ќе го даваат својот максимум. Но никогаш нема да имаат доверба во вас, нема да го вложат дополнителниот напор, нема да го користат својот креативен потенцијал, да вложуваат нови вредности во организацијата. Нивниот фокус ќе биде насочен кон исполнувањето на нормите и задачите, со што ќе се заштитат од укор, казна и отказ. Тоа ќе го прават се до оној момент додека не најдат подобро, поинспиративно, покреативно работно место со подобар, поинспиративен и покреативен лидер. Затоа, оваа метода на влијание никако не смее да биде дел од вашиот профил како лидер.
  • Можете да влијаете со манипулација. И овој систем има краток рок на траење. Луѓето можете да ги измамите и изманипулирате еднаш, неколку пати. На раток рок со манипулации можете да го набилдате и својот резултат. Но на долги стази, луѓето почитуваат други вредности.
  • Влијание со овластување. Нема подобра метода на влијание врз работниците од влијанието со овластување. Дајте им моќ на вашите работници. Моќ да носат одлуки.  Моќ да бидат и самите лидери. Да ги вклучат своите мали сиви ќелии. Да бидат креативни и посветени на своите работни задачи. Да се грижат за остварување на целите на нивното одделение или сектор. Се разбира, за да можете да го примените овој систем ви треба соодветно изграден амбиент во вашата организација. Амбиент во кој луѓето поминуваат специјална обука, едукација, тренинг. Затоа, ако убаво ја завршите вашата задача, ја трансформирате вашата организација за да го создаде, негува и развива овој амбиент на добар пат сте да го видите магичниот резултат на владеењето со овластување.

Менаџерите ја добиваат стартната доза на влијание во истиот момент кога ќе ја добијат титулата менаџер. Со оваа титула, тие добиваат моќ и добиваат право и обврска да влијаат на своите работници, на нивните постапки, активности. Работниците мора да го слушаат и почитуваат својот претпоставен. Мора да ги почитуваат и спроведуваат неговите финални препораки и одлуки. Во спротивно може да бидат обвинети за недисциплина, непочитување на хиерархиската поставеност, спротивставување на компаниските вредности за што следуваат укор, казни и отказно решение.

Значи, менаџерите имаат моќ. Функцијата им носи авторитет. Имаат влијание. Тоа влијание треба да го насочат и искористат на најдобриот можен начин за да ги остварат целите на одделението, секторот, компанијата што ја водат. Тие ги водат процесите, а ги водат и луѓето заедно со нивните постапки и активности. Тие се лидери.

И затоа, велам дека секој менаџер е лидер.

Но дали е секој менаџер добар лидер? Се разбира дека не.