Како да ги привлечете и задржите најдобрите луѓе

162
Фото - Freepik

За разлика од некои други, поранешни времиња, најголемиот број менаџери денес ќе ви потврдат дека еден од најсериозните проблеми со кои се соочуваат е недостатокот на квалификуван, квалитетен и лојален кадар.

Прво, на објавените огласи се јавуваат и аплицираат се’ помалку луѓе со квалификациите што ги барате, што вашиот избор го прави исклучитено тежок. Една од причините за ваквата ситуација е што бројот на невработени лица се намалува (дел од работоспособното население се вработува или емигрира), а и оние кои се водат како невработени се снаоѓаат – работејќи на интернет, користејќи ги своите лични вештини и знаења, вршејќи некои брзи и нестабилни, но сепак доходовни работи… А има и такви кои едноставно ги “грицкаат” примањата на нивните родители, одбивајќи да работат за “мали пари” или работи кои не им се привлечни.

Второ, луѓето доаѓаат и си одат. Ова особено важи за помладите генерации, кои честопати не чувствуваат никаква лојалност или одговорност кон работодавачот и работната средина. Па некогаш и за многу мала разлика во личните примања ги напуштаат своите работодавачи.

Во една ваква состојба на пазарот на работна сила, се поставува прашањето – што можете да направите Вие и вашиот сектор за човечки ресурси за да одговорите на ситуацијата?

Како да ги привлечете и задржите најдобрите луѓе?

Одговорите на ова прашање не се воопшто лесни.

Но, секако, можеме да идентификуваме неколку области на кои можете да поработите.

Морате да се брендирате како добар работодавач

Ова е најновата пракса во бизнисот. Недостатокот на кадар, предизвика потреба компаниите да се брендираат себеси како добри работодавачи.

Да бидат препознаени и препознатливи како компании во кои се вреднуваат вештините и способноста на работниците, во кои финансиските примања (плати) се исплаќаат редовно, се исполнуваат ветените обврски… Не е чудо што веќе и на нашите рекламни простори – билборди, тв и радио реклами веќе може да се забележат реклами во кои се потенцира (брендира) одредена компанија.

Најдобрите компании се редовно присутни на саемите за работна сила на која ги промовираат своите карактеристики, слободни места и кариерни опции – главно на студентите кои се подготвуваат за големиот свет и од каде може да произлезе многу добар и професионален кадар.

Покрај рекламите, најефикасен начин, секако е и праксата – од уста на уста, во која работниците ќе зборуваат и ќе ги споделуваат своите позитивни искуства со своите пријатели, роднини, познаници.

Примањата на вашите вработени мора да бидат конкурентни.

Прво. Се чини дека прво и основно, платите кои ги давате во вашиот бизнис мора да бидат конкурентни. Не можете да привлечете добар кадар ако сакате да го платите помалку отколку што го плаќаат вашите конкуренти на пазарот.

Второ. Направете квалитетен, јасен и транспарентен систем на награди и бонуси, со кои ќе им дадете можност и предизвик на вашите вработени да напредуваат и остварат поголеми приходи. Притоа, односот помеѓу платата и бонусот и иницијативите, треба да е балансиран. Ако некогаш вработените сакаа да имаат мала плата и големи бонуси, континуираните кризи и Ковид 19 ги смени овие правила. Сега е потребно фиксниот дел од платата да биде доволно атрактивен за да обезбеди пристоен живот, а бонусот да овозможи луксузирање или домашно инвестирање (рентирање или купување на стан, куќа, подобар автомобил, школување на семејството).

Створете одлична работна средина

Новите времиња, носат нови правила.

Од тие причини, голем број на компании ги отфрлаат традиционалните канцеларии, па внесуваат нови модерни амбиенти на работното место. Внесуваат простории за рекреација (вежбални, пинг понг и билијард маси, место за пилатес и јога) и релаксирање. Погледнете ги на пример работните амбиенти во Google. Оваа компанија е претворена во премиум модерен кампус, во која вработените се чувствуваат опуштено, слободно, мотивирано… па воопшто не треба да не чуди што во овој работен амбиент секојдневно извираат креативни идеи и напредни технологии.

Фото – Freepik

Внимавајте на меѓучовечките релации и односи

Покрај работната средина, вие или вашите експерти за човеки ресурси мора да се грижат и за односите на работните места. Односите помеѓу претпоставените и подредените, но и односите во хоризонтала.

Мора да сте континуирано будни и веднаш да ги препознаете конфликтите кај кои треба да се интервенира. Да се лоцираат личностите кои можеби со својот негативен став и однесување се токсични за средината.

Не можете да ги натерате вашите работници да се сакаат, но преку повеќе иновативни методи можете да се погрижите да се научат да работат заедно, да се почитуваат и да се трудат максимано во остварување на тимските цели.

Затоа многу компании организираат незаборавни забави, дружења, тим билдинг активности – кои дополнително ќе ги зближат работниците и од организирана работна група ќе ги трансформираат во тим.

Фото – Freepik

Вклучете ги работниците во процесите

Младите генерации немаат големи емоции кон хиерархијата. Иако ред мора да постои, а авторитетите да се слушаат и почитуваат обидете се да внесете повеќе ангажман, поголема независност на луѓето (индивидуална или тимска), да им дадете право но и обврска да носат одлуки. Ваквата ситуација може да ја зголеми нивната продуктивност и да ја стимулира нивната креативност и иновативност.

Анализирајте ги индивидуалните афинитети на вработените

Во денешно време, вашите сектори (или луѓе) за човечки ресурси мора да бидат во континуиран мониторинг, но и комуникација со вашите вработени.

Новите генерации имаат различни афинитети. Сега се преферираат нови работи и трендови. Но не сите правила важат за сите луѓе.

На пример, дел од вашите вработени можеби сака – лизгачко работно време, преферира да работи од дома (ако вашиот бизнис може да функционира на овој начин – зошто да не им го дозволите на вашите вработени)? Некои луѓе се покреативни и попродуктивни од дома (а притоа и ќе ви заштедат пари – на помалку канцелариски простор, струја и други фиксни трошоци).

Затоа е неопходно за секое вработено лице да се креира посебен – индвидуален план во кој ќе се прецизираат сите карактеристики и индивидуални афинитети.

А како да дознаете кои се индивидуалните афинитети и мотиви на секој вработен? Едноставно… Прашајте го.

Створете средина и услови за напредување

Многу луѓе сакаат да напредуваат. Да имаат можност да добијат подобро, повисоко и подобро платено и респектирано работно место. Овозможете го тоа. Никој не сака да остане закован на рецепција или да работи како асистент.

Едуцирајте ги вашите луѓе

Едукацијата е исклучитено важна за вашите луѓе. Прво, им овозможувате да стекнат вештини кои ќе ги користат секојдневно на своето работно место (во ваша полза). Второ, едуцирањето значи дека им давате можност на вашите работници да се развиваат, стекнуваат знаења и вештини кои ќе им помогнат во кариерниот напредок.

И не заборавајте : Поефтино е да инвестирате во едукацијата на своите работници, а тие да си заминат… отколку да не инвестирате во едукација, а тие да останат.

Фото – Freepik

За континуирана едукација на вашите вработени, имате бројни опции – интерни или екстерни тренери, како и посебни онлајн платформи на кои може да се стекнуваат знаења на различни теми и области на работата.

Вреднувајте и пофалете го врвното

Многу менаџери прават сериозна грешка кога претерано ги фалат своите работници. Кога во ходникот ќе им кажат – браво. одличен си.

Прво, мора да има причина зошто некого ќе пофалите инаку празната пофалба – набргу губи смисол. Ако некој ги фатил поставените таргети – кажете му дека сте свесни за тоа, и дека ја завршил одлично својата работа. Ако некој бил пофален од клиентите – потенцирајте го тоа. Ми се јави клиентот и ми кажа дека одлично си ја завршил својата работа. Ти благодарам за тоа.

Второ, вашите пофалби и награди за вработените мора да следуваат како резултат на јасно поставени цели. Ако наградувате некого, само затоа што ви се допаѓа лично, ризикувате да створите раздор во тимот поради вашиот однос кон вашето “милениче”.

Сите овие елементи мора да ги комбинирате… развивате… унапредувате… бидејќи не постои магична формула со која можете да ги привлечете и задржите најдобрите работници во вашата компанија. А во овој правец морате што побргу да го фатите чекорот, бидејќи нема никакви изгледи дека ситуацијата на пазарот на труд ќе се подобрува во иднина… напротив.