Како да ја надгледувате работата на вашите вработени на компјутер

49

Според извештајот на Гартнер од 2018 година, од 239 анкетирани големи корпорации, 50% од врвните менаџери се изјасниле дека на некој начин го надгледуваат (контролираат) работењето и продуктивноста на своите работници, преку мониторинг на нивните компјутери (анализа на работата на компјутер, комуникацијата на е-маил, снимените онлајн разговори, анализа на движењето на вработените преку GPS).

Веќе следната година, 2019, Accenture направил слично истражување, според кое процентот на компании кои користат некаква алатка или софтвер за мониторинг на продуктивноста на вработените се зголемила на 62%.

Според тоа, можеме да очекуваме дека во светски рамки, особено по експлозијата на Ковид 19 пандемијата, која префрли многу работни места – да работат “од дома” овој процент е во уште поголем раст.

Се чини дека веќе воопшто не се поставува прашањето – дали менаџерите ги контролираат своите работници, туку вистинското прашање е колку, со каков софтвер и за кои намени го прават ова мониторирање.

Дали е оваа постапка легална?

Во Соединетите Американски Држави е донесена одлука дека компаниите и работодавачите имаат право да вршат некаков вид на мониторинг на компјутерите на своите работници. И во случаите кога компјутерите се во сопственост на компанијата, но и кога се во лична сопственост на работникот (но се додека се користи компаниската мрежа).

Според тоа, се чини дека нема ништо незаконски во тоа, работодавачите да знаат колкав дел од работното време нивните работници минуваат во активно вршење на своите задачи, колку во сурфање на социјални мрежи, разговори на скајп или вибер…

Дали е постапката етичка?

Ова прашање, особено се засилува ако ги погледнете одговорите на неколку клучни прашања во неколку стручни анкети.

Taка на пример, во анкетата на Еxpress VPN :

  • Иако 83% од работодавачите сметале дека контролата е неетичка, 78% користат некаков софтвер за мониторинг.
  • 1 oд 3 вработени не веруваат дека нивните работодавачи ја контролираат нивната работа онлајн, а 15% сметале дека тоа и воопшто не е можно.
  • Мнозинството (56%) од испитаните работници се под стрес поради фактот што се под мониторинг, 41% се прашуваат дали некој константно ги надгледува,а 32% поради ова земаат помалку паузи во своето работење.
  • Околу половина (48%) од испитаниците би се сложиле да примаат помала плата, само да не бидат под контрола, а 25% од вработните (секој четврти) би се сложил платата да му се намали и за 25%, само да биде поштеден од контролата на неговите онлајн активности и комуникации.
  • 41% од вработените сметаат дека во нивните снимени разговори на работа, се кријат работи кои може да се причина да добијат отказ, а слични 37% од работодавачите велат дека ги искористиле овие снимени податоци за да доделат отказ.

Ако ги проанализираме овие податоци од горенаведената анкета, јасно е дека софтверот за мониторинг се користи “на големо” но и тоа дека вработените кои се свесни дека нивната работа е под присмотра, имаат високо ниво на стрес, не би сакале да се во таква континуирана пресија, што секако дека се одразува на нивното задоволство на работното место.

Затоа, сосема легитимно е прашањето – како да се справите со овие проблеми?

Како да ја следите работата и продуктивноста на вашите вработени, особено оние кои работат од дома, а притоа да го намалите нивото на стрес кај нив?

  1. Првото правило е да бидете Транспарентни. Кажете им на вашите луѓе дека користите алатка за контрола на работата и продуктивноста. Кажете им што мерите и за кои цели. Објаснете им дека контролата ја правите не за да ги шпиунирате вработените, туку да ги утврдите активностите кои на луѓето им го одземаат непотребно работното време и истите да ги елиминирате. Врз база на согледувањата – делувајте. Покажете им на работниците дека превземате акции. Ако на пример забележувате дека вработените трошат многу време на некоја веб страна или социјална мрежа – блокирајте го пристапот до истите. Објаснете зошто го правите тоа. Во ова време во кое секој работник е вреден како злато, добро е да ги информирате и предупредите своите вработени дека се дел од еден систем кој се применува врз сите вработени лица.
  2. Поставете цели. Целите кои ќе ги споделите со вработените мора да се SMART цели (специфични, мерливи, достапни, релевантни и во одреден временски контекст. Во анализирање на целите, следете ги и краткорочните, но и долгорочните цели. Врз база на едните и другите, правете ја евалуацијата на перформансите на вашите вработени.
  3. Истакнувајте ја довербата. Дел од вработените, секако ќе мислат дека вашите намери со контролата над нивната работа е малициозна, дека имате лоши намери, а некои дури ќе мислат дека дел од податоците кои ги прибирате од софтверот за мониторинг може да бидат и злоупотребени. Но сепак, ако и ваште намери се чесни (какви што би требало да бидат) истакнувајте ја довербата. Зборувајте им и покажувајте им на дело на вашите вработени дека имате доверба во нивната работа. Делегирајте. Давајте им можност да превземаат акции и да водат процеси. Не стварајте тесно грло преку микроменаџмент.
  4. Мерете ги резултатите, не инпутот. За секој менаџер, за секоја компанија, највредното нешто (кога се прави евалуација на вработените) се нивните резултати. Ако се во продажба – колку продале. Ако работите со софтвер – колку проекти се сработени. Колку работни часа ќе може да се наплатат од клиентот. Притоа, не е примарно важно колку време поминале на работа, колку телефонски повици имале, колку состаноци одржале. Во новото време, повеќе не е важно дали сте одработиле 40 часа во неделата, важно е колку реално сте сработиле и придонеле за компанијата.

Според тоа, ако и вие користите некоја од алатките за мониторинг на работата на вашите вработени, имате ѓаволски тешка задача да ја објасните и да ја оправдате својата пракса. Но ако примените дел или сите од горепосочените принципи, имате можност да створите работен амбиент во кој на вработените воопшто нема да им биде гајле што се под константен мониторинг.

Ако вашите или целите на делови од вашиот менаџмент, не се стриктно деловни… бидете сигурни дека вработените ќе ве одбегнуваат и ќе зборуваат за вашите лоши практики, што денес, во времето на општ недостаток на квалификувана работна сила е многу опасна играчка.