Каде се субвенциите за електрични возила?

260
Фото - Freepik

Според последната анализа на продажбата во првите шест месеци од 2021 година во Европската Унија, сериозно се зголемува бројката на продадени електрични возила.

Оние кои не ги следат трендовите по ова прашање, веројатно останаа збунети од информацијата дека во месец Јуни, веднаш зад безвременскиот Golf, вторa по продажните бројки во Европската Унија беше Американската Tesla со 25.697 продадени единици.

Но тоа е логична последица на систематските мерки со кои Европската Унија влезе во борба со аерозагадувањето и спречувањето на понатамошните климатски промени.

Бриселската администрација, веќе воведе план за сериозно намалување на загадувањето директно вршејќи притисок врз автомобилската индустрија. Се воведуваат нови задолжителни стандарди на издувната емисија, авто производителите добиваат сериозни квоти за нивото на емисија на CO2 кои се дозволени во рамки на брендовите, се воведуваат пенали, казни и такси за оние кои ќе ги надминат квотите.

Одредени локални и државни администрации воведоа и сериозни забрани и ограничувања на движењето за возилата од постарата генерација, особено во централните подрачја, само за да го намалат загадувањето и стимулираат набавувањето на нови еколошки автомобили.

Како резултат на тоа, голем број на производители веќе најавија програми со кои до 2030 година планираат целосно или сериозно да ја намалат емисијата на штетни гасови кај нивните автомобили.

А тоа може да се направи, само ако се напуштаат класичните возила кои имаат мотори со внатрешно согорување и со лансирање на се повеќе електрични и хибридни модели.

Покрај притисокот, таксите и казните врз производителите и возачите, земјите членки на ЕУ воведуваат и бројни иницијативи за стимулирање на купувањето на електрични возила.

Се одобруваат субвенции за купување електрични возила, субвенции за компаниите кои ќе ги трансформираат своите флоти, во државните институции се инсистира на сериозни квоти во набавката на нови возила (со хибридни и електрични возила) …

Каде сме ние по ова прашање?

Никаде…

Кон крајот на 2018 година, на прес конференција, тогашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, најави усвојување на нов закон за возила со кој ќе се обезбедат субвенции за хибридните и електричните возила.

Конкретно, за електричните возила, беше најавено субвенционирање со 5.000 евра во денарска противвредност. Дополнително, беа најавени и други ослободувања и поволности – за користење на патарини, паркиралишта и слично, што звучеше како добра основа од која треба да се тргне во стимулирањето на новите зелени, еколошки решенија.

Eлектрично возило. Фото – Freepik

Беше најавено дека и хибридите ќе добијат субвенција во вредност од 3.000 евра.

Според последните информации овој закон е заглавен во Собранието, па од него нема ништо.

На царината е донесен закон според кој давачките (царина, акциза, ддв) првенствено зависат од вредноста на автомобилот кој се увезува и во една компонента на таксите, се пресметува и давачка чија висина варира согласно степенот на емисија на штетни гасови.

Но… тоа е секако – ништо…

Увозниците на нови возила се оставени сами на себе, да ги увезуваат и да наоѓаат маркетиншки трикови за да ги направат електричните автомобили поинтересни за јавноста.

Резултатите на пазарот – видливи

Ваквата систематска негрижа на државата кон екологијата и авто бизнисот, која трае повеќе од 10 години, ако не и од основањето на државата, и која ги држи авто увозниците на респиратори, јасно се рефлектира и во продажните бројки.

Минатата година, на пример, во Македонија биле вкупно увезени и оцаринети само 63 електрични автомобили, од кои најголемиот број се оние Кинески автомобили на електричен погон, кои се користат како доставни возила во локалните пицерии.

Трендот е сличен и кај конвенционалните автомобили.

Во првите шест месеци од 2021 година, биле увезени и оцаринети само 2.902 патнички и лесни комерцијални нови возила.

Од друга страна, увезени и оцаринети се 18.996 користени патнички возила и 1.401 товарни возила.

Прикажано сликовито – на еден нов автомобил, во земјата се увезени седум користени!

Очигледно е дека негрижата кон еколошките стандарди од државата се префрла и на граѓаните, кои наместо нови, одлучно се решаваат за купување на користени автомобили.

За тоа дополнително влијае и трендот во авто индустријата во која цените на новите возила вртоглаво растат во последните 10 години, а оваа, сеуште пандемиска година, присутни се и бројните проблеми во дистрибутивниот ланец (долги рокови на испорака, ограничена понуда поради недостатокот на компоненти)…

Она што ни останува е да се надеваме дека државата конечно ќе се зафати со решавање на проблемите во оваа сфера, а до тогаш – никако не можеме да им замериме на граѓаните кои преферираат да возат половни автомобили стари 5 и повеќе години.