И Mercedes-Benz планира целосно префрлање на струја

61
Фото - Mercedes Benz

Трендот незапирливо гази.

Сите брендови најавуваат сериозно или целосно префрлање на гамата на возила од конвенционалните бензински и дизел мотори на струја.

Меѓу нив, официјално се пријави и Германскиот премиум бренд Mercedes-Benz.

Според официјалните информации, моделите на Mercedes целосно ќе се префрлат на струја најдоцна до 2030 година, а во тој процес ќе бидат инвестирани заслепувачки 40 милијарди евра!

Временската рамка се совпаѓа и со законите во Британија и Европа, во кои се очекува 2030 година да биде година по која и официјално ќе бидат забранети моторите со внатрешно согорување.

Во 2025 година ќе бидат лансирани три нови целосно електрични платформи за патнички и комерцијални возила. Во истата година ќе престане развојот на мотори со внатрешно согорување, а клиентите ќе може да го порачаат секој модел од гамата на Mercedes со целосно електричен мотор.

За темелноста на планот на Mercedes јасно говори фактот дека брендот инвестира во отварање на осум фабрики во Европа за производство на батериски ќелии и електромотори.

Во моментов, заедно со SHELL се работи и на развивање на мрежата на полначи (AC и DC) чија недоволна застапеност најчесто се споменува како основна сопирачка во побрзиот развој на технологијата на електрични возила. Во моментов проценките велат дека во светот се поставени 530.000 полначи на струја.