Кога го анализирате билансот на состојба на една компанија, особено кога сакате да ја процените нејзината вредност, обично се анализираат средствата кои компанијата во дадениот период ги поседува.
Средствата во билансот се делат на :
- Готовина
- Побарувања од купувачите
- Залихи
- Згради, фабрики и опрема
- Останати средства
Ако првите ставки се прилично јасни, што е она што влегува во категоријата “останати средства”, особено ако се знае дека кај некои компании оваа компонента од средствата може да биде огромна?
Под останати средства – најчесто се подразбираат средства кои немаат физичка вредност (не можете да го фатите со раце) но сепак имаат сопствена вредност.
Во останати средства – обично влегуваат патенти, името на компанијата и брендот.
Иако сметководителите не сакаат да книжат работи кои немаат реална и мерлива вредност, неспорен е фактот дека одредени компании имаат огромна вредност на останатите средства.
На пример, во џинот Coca-Cola, најголемата вредност е вредност на брендот. Но кој може точно да ја измери финансиската тежина на брендот?
Што е и како се мери Goodwill
Типичен пример за важноста на останатите средства е превземањето на Linkedin од Microsoft кое се случи во 2016 година. Или поедноставено : зошто Microsoft плати 26,2 милијарди долари, за компанија која книговодствено тежеше 7 милијарди долари.
Во сметководствена смисла, оваа разлика од 19,2 милијарди долари (платена – книговодствена вредност на компанијата) ќе оди (ќе се прокнижи) во билансот на Microsoft под позицијата Останати средства, попрецизно ќе оди во поткатегоријата – Goodwill.
Според тоа Goodwill претставува немерлива вредност, која се мери преку разликата на платената сума (при купување на една компанија) и книговодствената вредност на купената компанија. Притоа Goodwill е вредност која на компанијата купувач треба да и донесе компаративна предност на пазарот.
Во купениот Goodwill влегуваат името на компанијата, брендот, базата на лојални клиенти, добри внатрешни односи на вработените, технологијата…
Што од наведеното во претходниот пример со Microsoft и Linkedin е платено со 19,2 милијарди долари?
Веројатно најголемата вредност која ја идентификувал Microsoft е базата на 433 милиони корисници на деловната социјална мрежа, кои одлично може да се искористат во маркетиншките кампањи на Microsoft.