Го видовте ли концептот на AUDI – Grandsphere?

82

Саемот на автомобили во Минхен, изминатите неколку дена беше вистински епицентар и врвно уживање за љубителите на футуристичкиот дизајн и напредните еколошки технологии.

Највпечатливи, на домашен терен беа германските марки, а меѓу нив и производителот на премиум автомобили – AUDI кој го претстави својот најнов (втор од три најавени) концепти.

Се работи за моделот Grandsphere : луксузен, модерен, директорски седан со четири седишта.

Инспирација за новиот концепт на Audi требало да бидат луксузот и комфорот во првата класа на меѓународните авио летови, но според Максимилиан Нока, дизајнерот на концептот, во моментот кога нашле една слика од авионски кокпит, напуштена е иницијалната идеја. Зошто да уживате во првата класа, кога можете и сами да се најдете во авионската кабина, зад модерниот футуристички кокпит и да го возите вашиот авион?

Во кабината на автомобилот има многу простор за возачот, совозачот и патниците кои се сместени на задната комфорна клупа, а над нив е сместен и панорамски кров кој додава уште една доза на уживање во просторот.

Применет е минималистички дизајн, а во внатрешноста не се користени материјали од кожа. Користени се само дрвени материјали, волна и синтетички материјали.

На премиерата на моделот во просторот помеѓу предните и задни седишта беше поставено и растение со листови, синоним за еколошките параметри на овој лаунџ на тркала.

Исто како и кај претходно промовираниот модел Skysphere, Grandsphere е креиран за да го задоволи четвртото ниво на автономија во возењето, при што кога автомобилот е поставен во режим на автономно возење, воланот се повлекува во внатрешноста со што обезбедува дополнителен простор и комфор за возачот.

Моќта во автомобилот ја испорачуваат два електромотори поставени на двете оски при што се ветува испорачување на моќност од 720 коњски сили.

Полнач на батериите од 800 волти, може до 80% да ги наполни батериите за само 25 минути.

Повеќе информации за дизајнот на новиот концепт на AUDI, можете да најдете и во видеото подолу.