EУ ќе ја брани авто индустријата од Кина со поголеми давачки

7

Европската Унија започна сериозна анализа на политиката на субвенции за електричните автомобили кои доаѓаат од Кина.

Иако учеството на Кинеските електрични автомобили на европските пазари е сеуште минорно и се движи околу 8 проценти, според официјалните претставници на ЕУ, без брзо и енергично превземање мерки, за две години ова учество може да се дуплира на 15%.

А ако тоа се случи, директно ќе се загрози автомобилската индустрија во Унијата која вработува 13 милиони луѓе и создава 7 проценти од вкупната економија во Унијата.

Според одредени анализи, напливот на ефтини Кинески автомобили веќе предизвикал намалување на цените на европските електрични возила за 15 до 20%, тренд кој може и понатаму да продолжи да се зголемува, па да води и до целосен колапс на индустријата.

Од тие причини, Унијата сериозно ја разгледува можноста да воведе дополнителни давачки за увезените електрични автомобили од 10 до 15%.

Ова нема да биде прв пат да се наметнуваат дополнителни давачки за производителите од Кина. Во 2012 година биле воведени слични давачки за ефтините соларни панели кои доаѓале од Кина, но истите биле укинати за 6 години, бидејќи без кинеските продукт, не можеле да се остварат амбициозните планови за префрлање на обновлива енергија.

Гласни поддржувачи на најавените мерки се Француските Renault и Stellantis, додека германските производители Volkswagen, BMW и Mercedes Benz кои имаат сериозни операции во Кина, се плашат дека ваквите мерки може да предизвикаат контрареакција и намалена потрошувачка на нивните автомобили во Азија.

Додека ова се случува во Европа, одредени консултантски куќи во Кина, веќе коментираат дека воведувањето на давачки се само одраз на немоќта на Европските авто производители да креираат конкурентни автомобили.

Тивката трговска војна помеѓу ЕУ и Кина продолжува, а под притисок на САД веројатно овие мерки ќе се засилуваат бидејќи официјален Пекинг и понатаму тивко ја поддржува Русија во конфликтот во Украина.