Eлектрични скутери. Решение или проблем?

131
Во тренд. Електрични скутери. Фото - Freepik

Во големите урбани средини во Азиските, Европските и Американските градови, изнајмувањето на електрични скутери стана одличен бизнис и многу практично решение за граѓаните.

Неколку технолошки компании, меѓу кои најпознати се Bird и Lime, изградија посебни софтверски решенија и преку апликација на мобилните телефони им дадоа можност на луѓето да патуваат од еден до друг блок, брзо, економично, ефтино и притоа и еколошки…

Со апликацијата, на едноставен начин можете да видите каде имате слободен скутер, одите до него, го отклучувате и активирате со апликацијата и плаќате со кредитна картичка за бројот на минути во кои сте го користеле електричниот скутер.

И сето тоа е поефтино и педноставно отколку да користите такси или Uber, а побрзо и помалку напорно од изнајмувањето или возењето велосипед.

Но… Статистиката покажува дека во градовите во кои се отвораат овие компании за споделување на скутерите, расте сериозно бројката на повредени лица. Повредите најчесто настануваат на главата или лицето, како директна последица на паѓање или судири.

Она што е, се чини најпроблематично е што бизнисот, расте многу динамично. Побрзо отколку што се очекуваше и побрзо отколку што можат локалните власти да се прилагодат на експлозивниот раст. Скутерите не се само играчки за младите, тие станаа и практично транспортно средство и за постарите, сериозните, бизнис ориентираните напредни луѓе кои се грижат за животната средина.

Во многу градови сеуште не е дефинирано кој може да ги вози скутерите, колку години треба да има, дали му е потребна дозвола и најважно – дали за управување на скутерите кои може да развиваат брзина до 24 км/h ви треба и кацига (шлем).

Од тие причини, останува да го следиме овој тренд, кој се очекува до 2024 година да стане пазар од 24 милијарди долари.