Според последните статистички податоци, во 2022 година во Америка се формирани 5 милиони нови бизниси, што претставува пораст од 44% во споредба со 2019 година.
Тоа е јасен показател дека продолжува трендот на формирање на мали и средни компании кој официјално започна во времето на Ковид-19 пандемијата. Време во кое постоеше огромна несигурност и нестабилност, во кое многу луѓе ги загубија своите работни места па влегоа во претприемнички зафати отворајќи свои бизниси. Многу од нив, беа фокусирани на работата онлајн (се отвараа е-продавници, блогови, веб страни, бизниси за кои не се потребни големи инвестиции).
Имаше и доста експериментирања, како и дополнителни бизниси “на страна” со кои вработените (покрај редовната плата) бараа дополнителен извор на приходи.
И работата од дома, постави нови стандарди.
Компаниите го прифатија овој систем, со што заштедија сериозни средства бидејќи не мораа да плаќаат кирии (големите и скапи канцелариски простори под закуп, не беа повеќе неопходни), а вработените добија нови можности : лизгачко работно време, заштеда на време и пари (избегнувајќи го користењето автомобили или јавен превоз до своето работно место).
А неретки беа и оние, кои во времето на Ковид кризата се разбудија, се преиспитаа и решија дека повеќе не сакаат да живеат во корпоративниот свет. Сакаат да бидат сопственици на својот живот и време. Да можат да работат од секоја точка на планетата, да работат кога, како и што сакаат. Да не бидат робови на работното време од 09 до 17, и да им поднесуваат сметки и извештаи на своите бирократски шефови.
Нема дилеми. Економијата на САД, па и на целиот свет сериозно се менува.
Трендот на отворање нови, млади бизниси во САД продолжува и во 2023 година.
Ако само го погледнеме огромниот бран на отпуштања во Силиконската Долина… Илјадници работници во Google, Meta, Microsoft, Amazon… неодамна ги загубија своите работни места. Настан кој веројатно ќе биде трауматичен во краток временски период. Но по неколку месеци сигурно ќе ги видиме првите никулци на тој огромен човечки потенцијал кој во моментов го ресетира својот оперативен систем.
Ќе се формираат нови компании, нови мали и средни бизниси – кои ќе донесат на светлото на денот нови иновации, идеи, креации…
И економијата ќе се смени, бидејќи човечкиот капитал нема да биде концентриран во рацете на неколку технолошки компании.
И сосема е логично оваа плима на бизниси да е фокусирана околу услугите, технологијата, интернетот, апликациите и софтверот… Бизниси кои во светот се сеуште многу доходовни, и за кои не се потребни огромни инвестиции.
Новите навики и интереси, нов потенцијал за бизнис
Експертите велат дека е сега вистинскиот момент, да се искористат и новите навики на луѓето. Нивните нови интереси – како што се здравјето, фитнесот, домашните миленици. И праксата во САД сведочи за многу вакви сајтови кои се фокусирани на интернетот, можностите кои ги нуди за поврзување на луѓето, понудата и побарувачката.