Ефектот “Rаmmstein”

16

Пред неколку дена, првиот човек на Авалон продукција, Бобан Милошевски, во отворено писмо на социјалните мрежи се обрати до естаблишментот во Македонија и им напиша зошто во нашата земја не може да се одржи концерт на Рамштајн или некој друг бенд од оваа класа.

Неговата реакција, во која дополнително се осврна и на ефектите кои концертите од овој тип може да ги предизвикаат врз домашната економија, можете да ја најдете на следниот линк.

Во меѓувреме, откако се средија впечатоците и преброија параметрите, медиумите во соседна Србија, направија кратко сумирање на ефектот од двата концерти на Рамштајн во нивната земја.

Според истите, во периодот 25 и 26ти Мај, 2024 година, кога се одржаа двата концерти на Рамштајн, во Белград се реализирани дури 60.000 ноќевања, што е апсолутен рекорд на територијата во градот. Сите официјални сместувања биле букирани, а приватни станови биле издавани за најмалку 300, а највеќе 3.000 евра по ден.

Бидејќи во Белград целиот овој период бил резервиран уште на почетокот на мај, голем број на туристи отседнале и во предградијата на Белград, па може да се претпостави дека вкупната бројка на странски туристи била околу 120.000, од кои најголем број пристигнале од Романија, Бугарија, Русија, земјите од поранешна Југославија.

Најголемиот број на резервации во текот на викендот биле направени за две ноќевања, што значи дека фановите на бендот останале во Белград двата дена, од кои се претпоставува дека едниот биле на концерт, а другиот уживале во туристичките атракции на градот. Притоа, слободна проценка е дека секој од овие 120.000 туристи, во тие два дена потрошил најмалку 400 евра.

Ако ја соберете сумата (120.000 фанови x 400 eвра) доаѓате до фрапантна сума дека во градот (кафулиња, ресторани, шопинг молови…) само на име на потрошениот џепарлак кој го носеле фановите се слеани околу 48 милиони евра.

Кога на ова ќе ги додадете и парите за сместувањето и билетот… јасно е дека оваа инекција одлично ќе им дојде на сите угостители, хотелиери и сопственици на станови за изнајмување…како и на економијата на градот воопшто.

Дополнително, промоцијата која со овој концерт е направена на градот и неговите туристички знаменитости… уште долго ќе му носи бенефит на Белград и неговите жители.

Реклама