Драконскиот систем во Кина. Регистерски таблички само на лотарија и аукции!

102
Фото - Pixabay

Азискиот џин Кина, во последните неколку децении доживува вистинска индустриска експлозија.

Паралелно со индустриската експанзија, се продлабочува и еколошката криза на оваа земја, а многу европски и светски држави сметаат дека Кина е најсериозниот креатор на загадувањето на воздухот и феноменот на глобалното затоплување на планетата.

Властите на Кина се свесни за овој проблем, кој влијае на квалитетот на воздухот и животот на граѓаните на Кинеските градови и на светот.

Фото – Pixabay

Поради тоа, локалните власти во борба против загадувањето, имаат воведено неколку радикални мерки и во сферата на автомобилизмот.

Кон крајот на 2018 година, вкупната бројка на возила кои оперираат во Кина се движела околу 200 милиони, со годишна стапка на пораст од 11,56%.

И покрај огромната бројка од 200 милиони возила, Кина останува на многу ниско ниво според бројот на возила на 1.000 жители. Според статистиката, 1.000 жители на Кина поседуваат само 26 возила.

Оваа мала бројка се должи на повеќе фактори. Покрај сиромаштијата на дел од населението, нееднаквиот економски развој во земјата, сериозно влијание има и рестриктивната (драконска) мерка за ограничување на продажбата на возила во градовите.

Конкретно, мерките со кои се контролира бројот на новорегистрирани возила се движат од : квоти, аукции за нови регистарски таблици до лотарија…

Вакви рестрикции постојат од 1994 (воведени прво во Шангај),а подоцна и во Пекинг (2011), Гијанг, Гуангжу, Тианжин, Шензен…

Рестрикции во Шангај

Мерките воведени во центрите на Кина, првично во Шангај (економскиот и финансиски центар на Кина), се драконски.

Локалните власти ја контролираат бројката на нови регистрации на возила преку јавна аукција.

За да може воопшто да учествуваат на таа аукција, граѓаните мора да задоволат одредени правила.

Фото – Pixabay

За регистрација на возила на конвенционален погон (дизел или бензин) мора да сте жител на градот најмалку три години, со платени давачки и такси кон лoкалните власти. Потоа одите на аудит (ве проверуваат), поднесувате апликација за регистрација и одите на аукција.

Полесно е добивањето на нови таблички, ако регистрирате возило на електричен погон. За вакво возило нема аукција, само треба да аплицирате и да го пројдете аудитот на локалните власти.

А потоа, цената која граѓаните на Шангај ја плаќале за нова регистрација се движела од 2.025 евра (2012 година) до 12.152 евра (во 2018 година)!

Пекинг

Во Пекинг, пак, ако сакате да добиете регистерски таблички, морате да ги задоволите строгите правила и критериуми, да пројдете детален аудит (проверка) по што добивате код, а со тој код одите на – верувале или не – Лотарија!

Ако имате среќа на лотаријата да го извлечат вашиот код… тогаш можете да го регистрирате вашиот нов автомобил… Ако не – го чекате следното извлекување.

Олеснителната околност е што за разлика од Шангај, овде немате аукции и плаќања на високи износи за она што кај нас делува основно човечко право за кое не се зборува.

Фото – Pixabay

Но тоа веројатно малку им значи на граѓаните.

Погледнете ја веројатноста да добиете таблица во Пекинг : Во 2018 година, код за учество на лотаријата добиле – 14,620,617 граѓани кои сакале да регистрираат конвенционално возило на бензин или дизел. А алоцирани биле само 6.416 таблици (0,04%)!

Но, она што е неверојатно, е дека и оние кои сакаат да регистрираат ново возило на електричен погон (батерии) – мора да одат на лотарија, а плаг ин хибридите одат во конвенционалната квота заедно со бензинските и дизел автомобили.

Константно инвестирање во градскиот превоз

Како резултат на драконските мерки за одобрување на нови регистрации на патничките возила, за да може да ја движи економијата и животот, Кина сериозно инвестира во градскиот превоз.

Фото – Pixabay

Возови, брзи возови, трамваи, тролејбуси, автобуси на електричен погон… се само дел од системите за јавен превоз кои се развиваат и константно унапредуваат.

Фото – Pixabay

Другата страна на рестрикциите

Тешко е да се разбере оваа политика кај нас или во другите земји од развиениот свет, во кои владеат поинакви сваќања и стандарди.

Но кога од друга страна го имате проблемот со екстремното загадување кое ништи и убива, како нужни веројатно се наметнуваат радикалните политики и мерки, кои сериозно навлегуваат во сферата на човековите права и стандардот на живеење.

Впрочем, токму во Кина, долг временски период, за да се смири константниот пораст на населението и галопирачкиот наталитет, владееше за нас непоимлив закон, во кој кинеските двојки не смееа да имаат повеќе од едно дете.

Овој закон беше укинат во 2016 година, кога од едно, двојките можеа да негуваат семејства со две деца, а од оваа 2021 година – Кинезите може да имаат до максимални три деца во своето семејство.

Според одредени извори, дозволената бројка на деца во семејството е зголемена откако пописите покажале сериозен пад на наталитетот (кој пак може сериозно да влијае на економскиот развој).

Многу е можно и овие драконски мерки за рестрикција на продажбата на возила да се смени, ако се покаже дека истите сериозно го редуцираат економскиот развој на производителите на автомобили, а со тоа и на домашната економија.

Дотогаш, граѓаните во Кина кои немаат среќа во лотаријата, ќе се возат со велосипеди, електрични скутери, трамваи и возови…