Американскaта консултантка Мери Паркер Фолет, уште во почетокот на 20тиот век, ја дала наједноставната и сеуште најточна дефиниција за менаџментот, која гласи :
“Менаџментот е уметност да ги завршите работите со помош на луѓето.”
Според тоа, за да бидете менаџер треба да имате луѓе кои ги водите (ви одговараат вам) и кои преку извршувањето на својата работа ќе ви овозможат да стигнете до посакуваните резултати.
Никој не очекува од извршниот директор на FORD да го минува своето време на производната лента, составувајќи ги компонентите на новите автомобили. Но, неговата менаџерска работа (организирањето и водењето на директно подредените менаџери, преку процесот на ефикасно делегирање на обврските) остава траен белег на успешноста на компанијата, вредноста на брендот, квалитетот на автомобилите, задоволството на клиентите…
Ако менаџментот е уметност да ги завршите работите со помош на луѓето :
“Mенаџерите се луѓе кои имаат задача да ги организираат и водат вработените (луѓето) до остварувањето на зацртаните цели.”
Токму затоа, кога следниот пат ќе помислите дека некој менаџер е мрзелив, бидејќи сите работи ги доделува (делегира) на своите соработници… размислете повторно… Можеби токму тој, перфектно ја врши својата задача како менаџер.
Ако е тоа така, се наметнува заклучокот дека една од најзначајните вештини на менаџерите е да знаат (или да научат) како да ги делегираат (пренесат) обврските на своите вработени.
А дека делегирањето воопшто не е лесна задача, потврдуваат и резултатите од направените анкети, според кои на 70% од менаџерите им е тешко да делегираат.
Најчесто, менаџерите имаат проблем со делегирањето на обврските затоа што немаат доволно доверба во своите соработници или се научени самите да ги завршуваат работите. И двете опции се погубни за менаџерот, бидејќи водат до :
- Исцрпување и губење на фокусот. Менаџерот, ангажирајќи се на оперативните, не може да се фокусира на приоритетните и стратешки задачи.
- Потенцијалот, креативноста и енергијата на подредените менаџери ќе останат заробени и неискористени. А тоа ќе доведе до незадоволство, немотивираност и одлевање на квалитетните кадри.
Од тие причини, менаџерите мораат брзо да ја научат и совладаат вештината на делегирање.