Новиот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, објави дека силно ќе ја поддржи индустријата на автомобили на електричен погон.
Тоа ќе го направи преку низа на мерки – од ширење на мрежата на полначи на струја, до специјални иницијативи за купувачите на возила на електричен погон.
Ако во моментов само 2% од автомобилите на Американските патишта се на електричен погон, амбициозниот план на Бајден предвидува до 2030 година, на електричните автомобили да отпаѓаат 50% од продажбата на нови возила.
За тоа ќе биде направена мрежа од 500.000 полначи, а ќе им се помага и на компаниите од домашната индустрија да се трансформираат полека и да започнат да произведуваат автомобили на електричен погон.
Како што најави Бајден и во обновувањето на огромните флоти на возила на државните органи и институции ќе им се дава предност на возилата на струја.
Со оваа низа на мерки се очекува да се намали емисијата на штетните гасови, која според проценките е со 60% одговорна за загадувањето на воздухот.
Оваа најавена политика е во сериозна колизија со политиката на претходникот Трамп, кој воопшто не ја стимулираше оваа индустрија. Напротив…
Автомобилските џинови во САД, и понатаму во својата гама исфрлаат големи SUV-ови и седани со големи мотори кои голтаат гориво и исфрлаат огромни количини на штетни материи во атмосферата.