Задачи на менаџерот

28
Фото - freepik

Во 1916 година, францускиот инжинер Хенри Фајол, го објавил свoето дело – Генерален и индустриски менаџмент, кое се смета за едно од најзначајните дела во теоријата на менаџментот. Според него, менаџерот има пет основни задачи :

  1. ПЛАНИРАЊЕ. Преку процесот на планирање, менаџерите ги дефинираат целите на организацијата, како и начинот на кој дефинираните цели ќе се остварат. Долг временски период, планирањето во рамки на организацијата било неприкосновена функција на врвниот менаџмент. Да се постават целите, обезбедат ресурсите, испланираат активностите, изгради стратегијата за настап. Денес, преку процесот на децентрализација на моќта и одлуките, во поставувањето на целите и планирање на активностите се целосно вклучени и тимовите. 
  2. ОРГАНИЗИРАЊЕ. Организирањето е процес во кој се дефинира кој ќе ги носи одлуките во рамки на компанијата, кој ќе ги извршува работите и задачите и кој за кого ќе работи (кој кому ќе му рапортира). Во традиционалните системи, топ менаџерите ги цртаа хиерархиските пирамиди, недвосмислено и во детали ги опишуваа задачите на сите вработени. Денес, преку процесот на делегирање и пренесување на моќта, организациската функција е дело на тимската работа.
  3. УПРАВУВАЊЕ. За разлика од минатото време во кое менаџерите ја применуваа моќта на својата позиција и авторитет, во модерните организации менаџерите се трансформираат во лидери, и како такви ја имаат задачата да ги водат, стимулираат и насочуваат своите вработени кон заедничката цел.
  4. КООРДИНАЦИЈА. Денес, модерните менаџери и лидери имаат задача да ги поттикнуваат своите вработени кон остварување на целта, да водат со својот пример.
  5. КОНТРОЛА. Ако првата задача на менаџментот беше да ги испланира целите и начинот на кој истите ќе се остварат, преку процесот на контрола се надгледува процесот на напредок во остварувањето на целите. Менаџерите порано ги контролираа перформансите на своите вработени преку мерење на продуктивноста и ефикасноста. Денес, тоа се прави преку континуирана комуникација, фидбек, мотивациски и водечки процеси.

Концептот за петте основни функции на менаџментот, е сеуште актуелен и како најсоодветен се користи и во теоријата и праксата.

Кога се анализира успешноста на работата на менаџерите, два фактори се исклучително важни.

  • Ефикасноста, која подразбира извршување на одредена работа со минимални напори, минимални трошоци или отпад.
  • Ефективноста, со која преку извршувањето на работните задачи се остваруваат и целите на организацијата или компанијата.